
Делчево стана првата општина на крајниот исток од Македонија која стратешки ќе работи на полето на комуникациите со своите граѓани. Советниците на денешната седница ја усвоија Стратегијата за надворешна комуникација на Општина Делчево за периодот 2020-2024 година која изминатите шест месеци ја подготвуваше Регионалниот центар за застапување.
Документот ги содржи сите елементи по кои институцијата треба да се движи во поглед на одржување комуникација кон надвор, заедно со краток дел за кризна комуникација кој е од суштинско значење кога се имплементираат односите со јавноста. Оваа стратегија го дефинира системот на пренесување јасна порака до целните јавности, ги обединува сите комуникациски ресурси и комуникациски капацитети на Општина Делчево, овозможува контрола врз начините на комуникација, ги мери резултатите од комуникациите и обезбедува планско и ефективно надминување на клучните слабости и недостатоци во делот на односите со јавноста.
Документот е работен во неколку фази со обемен истражувачки процес и партиципативно учество на вработени од општината, локалните институции и невладиниот сектор. Овој проект е финансиран од Општина Делчево преку Програмата за годишно финансирање на граѓански здруженија.