ВИДЕО: Гостување во ТВ Стар за промоција на резултатите од проектот за БЗР

Привршуваат активностите на  Регионалниот центар за застапување од Делчево поврзани со проектот „Промовирање на стандарди за безбедност и здравје при работа и следење на спроведувањето на БЗР во источниот регион на Република Македонија“.  Токму по тој повод тројца претставници на РЦЗ и истражувачот кој беше дел од овој проект,  гостуваа во регионалната телевизија Стар во Штип и на 60 минутна емисија ги презентираа постигнатите резултати од проектот и што понатаму ќе се работи за промоција на оваа област. 

Проектот кој траеше шест месеци се реализираше преку повеќе активности во општините Делчево, Берово, Пехчево, Македонска Каменица и Виница со цел да се обрне повеќе внимание на оваа област преку утврдување на моменталната состојба во примената на законите и преку давање насоки за поголемо спроведување на веќе поставените стандарди. Овој проект РЦЗ го реализира во соработка со Македонското здружение за заштита при работа, а е финансиран од Европската Унија. 

Гостувањето на ТВ Стар кое се реализираше минатата недела. може да го погледнете на следниот линк : https://www.youtube.com/watch?v=T5B4vnKJxNA 

Регионална конференција за Безбедност и здравје при работа во Источна Македонија

Македонија има закони за заштита при работа – ретко кој ги спроведува. Ова е заклучок по неколку месечна анализа на состојбите во делот на безбедност при работа, направени од страна на Регионалниот центар за застапување од Делчево.

Анализите се правени на  територијата на  општините Делчево, Берово, Пехчево, Македонска Каменица и Виница:

„Имаме добри закони, добри прописи, но ни фали имплементација во пракса. Тоа е проблематика која постојано носи нови фази и ние постојано треба да ја унапредуваме“, истакна Зоран Аврамов, дипл. инг за безбедност при работа.

Ова е голем проблем, зашто непочитувањето на со закон утврдените мерки, на ризик го става здравјето и животот на работниците. Тоа, пак, за одговорните значат големи парични казни:

„Нема играње со оваа работа. Казните се движат до 7.000 евра за  работодавачот и 3.000 евра за управителот ако се констатираат пропусти во безбедноста при работа“, потсети  Војо Беловски, универзитетски професор.

Дел од работодавачите, не се во целост запознати со сите мерки кои треба да ги имплементираат. Токму кон нив беа насочени активностите на Регионалниот центар за застапување. Преку издавање на прирачник за безбедност при работа наменет за работодавачите тие се обидуваат да го поттикнат бизнис секторот и јавниот сектор од овој регион да одржуваат повисоки стандарди за безбедност и здравје при работа, но и воопшто работниците да бидат подобро запознаени со безбедноста на своето работно место:

„Ја спроведуваме оваа кампања за намалување на професионалните заболувања, а исто така целта ни е да се сведат на минимум и повредите на работно место“, кажа Тони Стоименовски, Регионалниот центар за застапување – Делчево.

Регионалниот центар за застапување од Делчево постои од 2006 година и е главен партнер на бизнис секторот, општините и јавните претпријатија во регионот, со кои заеднички се зајакнуваат капацитетите, се влијае на актуелните теми се со цел да се подобри живеењето на граѓаните. Овој проект РЦЗ го реализира во соработка со Македонското здружение за заштита при работа, а е финансиран од Европската Унија.

Интервју со Тони Стоименовски, претседател на РЦЗ

Интервјуто кое може да го погледнете на линкот подолу, е дел од проектот „Промовирање на стандарди за безбедност и здравје при работа и следење на спроведувањето на БЗР во источниот регион на Република Македонија“, реализиран од Регионалниот центар за застапување -Делчево, а финансиран од Европската Унија.

https://www.youtube.com/watch?v=FMsF7899Ab0

Претставници на РЦЗ на Меѓународна Конференција за регионаолна соработка за БЗР

Од 1-ви до 3-ти Ноември во Приштина, Косово, се одржа четвртата Меѓународната конференција за регионална соработка за безбедност и здравје при работа,во организација на BALcanOSH, мрежа на граѓански организации кои делуваат на полето на безбедност и здравје при работа на ниво на Балканот и кои преку размена на знаење, искуство и добри практики влијааат во обезбедувањето на безбедни и работни места.

Регионалниот центар за застапување од Делчево е единственото здружение од Источна Македонија кое е дел од оваа мрежа и по тој повод со тројца свои претставници беше дел од оваа тридневна конференција која традиционално се одржува секоја година.

- Целта на конференцијата беше да ги утврди насоките и фокусите на идните истражувања и развојот на безбедноста и здравјето преку размена на теоретски и практични искуства. Притоа присуствуваме на повеќе сесии кои обработуваа различни теми како размена на искуства во областа на евиденција на несреќи при работа, законски регулативи од различни земји, а бевме дел и од интерактивни форуми и панел дискусии. Истотака имавме можност да направиме и презентација на нашето здружение со фокус на последниот проект кој го реализиравме како членки на оваа мрежа, односно проектот за промовирање стандарди за безбедност и здравје при работа во источниот регион на Македонија. Присутните претставници на конференцијата ја погледнаа и 10 минутната истражувачка сторија која РЦЗ ја подготви во рамки на овој проект. Она што е важно е дека носиме позитивни искуства од нашиот престој во Приштина кои понатаму ќе ги искористиме во рамки на активностите кои ќе ги правиме на оваа тема - велат од Регионалниот центар за застапување.

На конференцијата присуствуваа претставници од министерства, инспекторати, универзитети, граѓански здруженија и бизнисмени од целиот Балкан. Досега, вакви конференции се одржаа во Охрид во 2015 година, Блед во Словенија во 2016 година и во Будва во Црна Гора во 2017 година.

РЦЗ одбележа 12 години постоење

Во петокот на 26 октомври, својот 12 годишен јубилеј го одбележа Регионалниот центар за застапување, здружение кое било формирано од петнаесет здруженија од регионот на општините Делчево, Пехчево, Македонска Каменица, Берово и Виница. Според претседателот на РЦЗ, Тони Стоименовски здружението прво работело како Центар за поддршка на невладини за потоа да произлезе денешниот Регионален центар за застапување.
 
-Во изминатите 12 години успеавме да реализираме голем број проекти како со локалните самоуправи од споменатите општини, потоа со бизнис заедницата, со граѓанскиот сектор, но и со голем број на мрежи како од Македонија така и од Европската Унија. Задоволство е после 12 години да зборуваме за нашите почетоци и луѓето со кои почнавме, соработувавме и ќе продолжиме да соработуваме успешно продолжувајки ја нашата приказна, рече Стоименовски.
 
Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој заедно со неговиот колега од Пехчево присуствуваше на настанот,
истакна дека е чест Делчево да има такво здружение кое придонесува во зголемувањето на демомратските принципи.
 
-Локалната самоуправа има среќа што има невладин сектор кој битно влијае на развој на нашата општина во овој изминат период на плурализмот и ние како локална самоуправа сме секогаш отворени за соработка со невладиниот сектор особено во изминатата една година откако јас сум градоначалник. Особено драго ми е што со РЦЗ ја изработивме стратегијата за соработка со невладиниот сектор што че биде еден појдовен документ врз основа на кој ќе ги темелиме нашите заеднички цели, рече Трајковски.
 
Од основањето до денес во центарот биле вработени повеќе од 30 луѓе биле дел од изработката на големиот број проекти кои иако биле мали, но сепак значајни за регионот.
 
Од страна на Регионалниот центар за застапување беа доделени благодарници за сите кои дадоа свој допринос во развој на здружението.