
После успешната соработка од минатата година, Амбасадата на САД во Скопје ја продолжува поддршката на проектите наменети за млади од регионот. Во текот на годината РЦЗ ќе го спроведува проектот „Генерација Y – NOT заедно градиме успех“ кој ќе има за цел да ја отстрани постоечката бариера на граници и да се промени пристапот и начинот на размислување на младите за заеднички активности. Целни групи се студенти, невработени млади луѓе, волонтери, младински организации и млади претприемачи.
Водени од успешните резултати од претходниот проект за социјално претприемништво, активностите во овој проект се едно ниво погоре во понатамошниот развој на оваа област во Делчево и регионот. Преку заеднички работилници, настани, креирање медиумски производи и студиски посети, младите ќе соработуваат на повисоко ниво и ќе ја зајакнат меѓуинституционалната, културната и образовната соработка. Проблемот со пасивноста и невработеноста на младите во овој регион мора да почне да се решава и да се подобрува нивната положба во општеството. Делчево е гранична точка и нуди толку многу можности за подобар социјален живот на младите. Сметаме дека овој проект ќе го постигне тоа, прво поради можноста за заедничка работа и обединување на младите од различни земји, а потоа и поради продлабочувањето на соработката во сите други области од животот. Социјалното претприемништво е идеално за имплементација во регионот бидејќи во моментов се нудат такви услови за работа. Оваа тема дава современа перспектива на социјалната интеграција на младите, но и на другите групи како што се жените, луѓето во социјален ризик или со помалку можности од другите.
Проектните активности кои ќе се реализираат преку овој проект треба да ја поттикнат прекуграничната соработка со млади луѓе, невладини организации, институции и претпријатија кои го промовираат концептот на социјално претприемништво. Нашата организација и клучниот персонал се искусни и имаат долгорочна соработка со сите засегнати страни, но овој проект ќе биде можност таа соработка да се развие од другата страна на границата.