
„Можности и начини за справување со ОЕЕО и негово влијание врз животната средина“ беше темата на дводневната обука на која претставници од граѓански организации од регионот Малеш – Пијанец беа дел изминатиот викенд. Обуката се одвиваше во периодот 10-12 Јуни во Хотелот Истатов во Дојран и беше наменета за членови на ГО кои работат на полето животна средина, еколошки клубови и локални чинители кои преку својата секојдневна работа на различен начин придонесуваат кон зачувување на животната средина и управување со отпадот.

Преку неколку работни сесии, работа во групи , интерактивни вежби и заеднички дискусии, учесниците ги јакнеа своите капацитетите во делот на стекнување основни предзнаења за електронскиот и електричниот отпад, но и за правилно управување и одлагање на истиот. Работните сесии ги опфатија темите: Споделување досегашно знаење за темата преку групни вежби, Политики за заштита на животна средина, Рамка за управување со животна средина, Законска рамка за управување со отпад, Видови на отпад, Концепти за намалување на отпад, Категории на електронска и електрична опрема, Влијание на ОЕЕО врз животната средина,Рециклажа на ОЕЕО, Електричен и електронски отпад и Управување со електронски отпад. Преку работа во групи учесниците споделија неколку пристапи за намалување на електронскиот отпад во регионот согласно расположливите ресурси и можностите.



Заклучокот после направената евалуација и дискусија на последниот ден од обуката беше едногласен, дека стекнататото знаење за оваа прилично сериозна тема треба да биде пред се споделено со луѓето од нашето опкружвање и на тој начин да се прошират можностите за заедничко делување во намалувањето на овој отпад. Бидејќи интересот е голем, учесниците ќе добијат можност идеите кои се споделија за време на обуката да бидат доразвиени и со помош на РЦЗ во текот на идниот период да се изнајдат начини за нивна реализација. Резулатите од сите треба да бидат подигање на јавната свест за управување со овој отпад кој секојдневно го создаваме и негово правилно одлагање со помош на останати засегнати страни во тој процес.

Оваа обука се организира во рамки на проектот „Одржливо управување со електронски отпад – сервис за поправка и правилно одлагање на ОЕЕО во микро регионот Пијанец-Малеш“ кој е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ). Главна цел на проектот е промовирање на одржливо и совесно управување со ОЕЕО отпад и промоција на кружна економија, а како дел од активностите се промотивна кампања, обуки за јакнење на капацитетите на целните групи и организирање на постор и опремување на простор со опрема за поправка на стара ИТ опрема, бела техника и мобилни телефони во Делчево, Македонска Каменица и Пехчево.