
Во рамки на проектот „ Животна средина, демократија и градење капацитети за Архуската конвенција во регионот Пијанец- Малеш“ изминатиот викенд во Дојран се одржа првата обука наменета за целните групи насловена како „Архуска конвенција и вредностите на Архуската конвенција“. За време на тридневниот настан присутните имаа можност да се запознаат со конвенцијата и нејзините вредности како значаен меѓународен договор кој ги поврзува заштитата на човековите права со заштитата на животната средина.

Целта на оваа обука беше јакнење на капацитетите на граѓанските организации, локалните институции и медиумите од Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица кои се и целни групи на проектот. Во наредниот период, за кога се планирани уште три обуки, вклучените страни ќе се запознаат подетално со трите столба на Архуската Конвенција кои се однесуваат на правото на пристапот до информации од областа животна средина, правото на вклучување на јавноста во процесите на донесувањето одлуки поврзани со животната средина и правото на пристап до правда во случај кога двете претходни права не се почитуваат.



Oсвен предавањата на обучувачите присутните се вклучија во практична работа во групи и дискусии по однос на темата. Заеднички се разгледуваа барањата за слободен пристап до информации и начините на кои тие може да се пополнат за да се добијат соодветните информации, истотака учесниците поделени во групи работеа на разработка на одреден проблем поврзан со животната средина во својата општина и изнаоѓаа начини би ја вклучиле јавноста во решавање на проблемот, а истотака споделија и позитивни искуства од местата од кадешто доаѓаат.



Бидејќи настанот се одржа во време на светска пандемија, согласно Планот на Владата за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот, РЦЗ во целост го примени донесениот протокол за одржување обуки, со што учесниците беа заштитени во текот на неговото времетраење.

Проектот се спроведува во рамки на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија” финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА Фонд за граѓанско општество и медиумска програма 2016-2017 година.