
Делчево и Прилеп се општините кои ќе учествуваат во активностите на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, односно во развивање на локални Стратегии за справување со климатските промени.
Регионалниот центар за застапување заедно со општина Делчево и Центарот за граѓанска иницијатива заедно со општина Прилеп, ги исполнија сите зададени критериуми од Повикот за здруженија на граѓани и општини кој беше објавен од страна на Милиеуконтакт Македонија, и со тоа се избрани за учество во активностите на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, односно за учество во развивање на локални Стратегии за справување со климатските промени.
На Повикот пристигнаа седум апликации. Тим од Проектот на УСАИД ги посети сите општини и здруженија кои влегоа во потесниот избор за да ја оцени нивната погодност за учество во проектот. По изборот на партнерски здруженија и општини, Милеуконтакт Македонија ќе организира состанок со избраните здруженија и општини на кој ќе бидат образложени активностите, задолженијата, задачите, како и насоките и чекорите за спроведување на процесот на подготовка на општински стратегии за справување со климатските промени преку методологијата Зелена агенда.
Здружението за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија се залага за развој на одржливо општество преку развивање на силно и демократско, граѓански организирано еколошко движење во Македонија.
Проектот на УСАИД за Општински стратегии за справување со климатските промени, спроведуван од страна на Милиеуконтакт Македонија, е четиригодишна иницијатива која ги подготвува општините да се справуваат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени. Користејќи го иновативниот метод наречен Зелена Агенда, проектот ги спојува заедно граѓанските организации, граѓаните и општинските тела за да развијат акциони планови засновани на консензус кои се однесуваат на специфичните прашања за климатските промени со кои се соочуваат нивните заедници и со цел да работат кон ублажување на нивните ефекти. Проектот го зајакнува граѓанското општество со стимулирање на граѓански активизам. Активностите се фокусирани на осум општини: Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово/Ростуше, Боговиње, Студеничани и Виница. Со овој избор, активностите се проширени на уште две општини: Делчево и Прилеп. Американскиот народ, преку Проектот на УСАИД за подготовка на општински стратегии за справување со климатските промени, ќе инвестира 3,090,000 долари за различни активности во избраните општини. Времетраењето на проектот е 48 месеци, а се имплементира во периодот помеѓу 2012 и 2016 година.
Превземено од web страната на Milieukontact Macedonia