Активности

Aмериканската амбасадорка Никол Варнс во Делчево со значајна поддршка на младите и младинскиот активизам

Посетата на американската амбасадорка на Никол Варнс во Делчево беше можност и за отворен разговор со младите за нивните потреби, предизвици и очекувања, но и за можностите за личен и професионален развој во локалната заедница.

На средбата која се организираше во координација со Регионален центар за застапување, учествуваа млади од различни области, кои ги споделија своите искуства и размислувања за животот во Делчево, образованието, вработувањето и можностите за активно учество во развојот на градот. Посебен акцент беше ставен на потребата од повеќе можности за практична обука, поврзување на образованието со потребите на пазарот на трудот и создавање услови што ќе ги мотивираат младите да ја градат својата иднина во родниот град.

Дел од учесниците ги споделија и своите позитивни искуства. Меѓу нив имаше млади кои се вратиле од странство и започнале сопствени бизниси, младински активисти, мали локални бизниси, организатори на спортски настани, средношколци, како и студенти кои по завршувањето на студиите одлучиле да останат во Делчево и да придонесат за неговиот развој. Нивните примери покажаа дека, и покрај предизвиците, постојат млади луѓе кои препознаваат можности и се подготвени да инвестираат во својата заедница.

Во разговорот беше истакната и важноста на просторите наменети за младите, како Младинскиот хаб, кои овозможуваат организирање едукативни, културни и креативни активности, размена на идеи и вмрежување. Поддршката за ваквите иницијативи е важна за создавање средина во која младите ќе можат да ги развиваат своите вештини, да покренуваат активности и да соработуваат.

Младите ја нагласија и потребата од поголема вклученост во процесите на локално одлучување, особено преку механизми како Локалниот младински совет, каде што можат да ги изнесат своите ставови, предлози и очекувања пред локалните власти.

Преку својата работа, Регионалниот центар за застапување континуирано ги поддржува младите и нивните иницијативи, создавајќи можности за нивно поврзување, активно учество и личен развој. Отворањето и функционирањето на Младинскиот хаб, поддржано преку грант токму на Американската Амбасада во СКОПЈЕ, е еден од начините за поттикнување на младинскиот активизам и создавање повеќе можности младите да бидат дел од позитивните промени во Делчево.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *