Официјално отворен новиот скејт парк во Делчево
Деновиве и официјално беше пуштен во употреба новоизградениот современ скејт-парк во Делчево, кој претставува нова спортско-рекреативна содржина наменета за младите, авантуристите и љубителите на алтернативните спортови. Скејт-паркот е дел од поширок инвестициски циклус за унапредување на спортската и туристичката инфраструктура во прекуграничниот регион. Изградбата е резултат на проектот Интегрирани прекугранични туристички акции во Благоевградско-делчевскиот регион – CrossTourAct финансиран преку ИПА Програмата на Европската Унија. Проектот го спроведуваат Општина Делчево и Регионален центар за застапување од македонска страна и Општина Благоевград и Алфатур од бугарска страна.

Вредноста на скејт-паркот изнесува 2,4 милиони денари, а вкупната вредност на целиот проект околу 1 милион евра (за двете партнерски општини Делчево и Благоевград). Ова е петти успешен проект што се реализира во партнерство со збратимената општина Благоевград, овозможувајќи градење мостови меѓу заедниците и подобрување на квалитетот на живеење.

За значењето на европските фондови за развој на локалните средини се обрати и Јане Вангеловски, раководител на прекуграничната програма од Министерството за локална самоуправа, кој честиташе за успешната реализација и истакна дека Делчево предничи во искористувањето на ИПА фондовите за проекти што директно им користат на граѓаните.


Во понатамошниот дел од активностите најавено е комплетно уредување на спортско-рекреативниот комплекс. Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски најави дека со поставувањето на скејт-паркот не завршуваат обврските за уредување на просторот. Тој додаде дека веќе се поставени канделабри за осветлување, а во следната фаза е предвидено целосно оградување на просторот и поставување дополнителна опрема. Свеченоста заврши со симболично сечење на црвената лента, по што младите скејтери ја демонстрираа функционалноста на новите патеки и реквизити.



Во пакет со овој проект се гради и кејот на реката Брегалница во должина од 300 метри возводно, со што се спречува ризикот од поплави и се формира естетска и функционална целина со спортскиот центар
