
Извор: Локал Актив (веста произлегува од процесот за застапување кој РЦЗ го прави после објавената сторија за Аерозагадувањето во регионот објавена на истиот портал)
Само три општини од источниот регион на Македонија имаат поставено мерни станици за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух – Штип, Кочани и Берово. За тоа каков е планот, но и интересот на останатите, активистите на Локал Актив прашаа неколку општини.
Од Општина Делчево одговорија дека нема поставено мерна станица, иако Секторот за Локален економски развој имал неколку обиди за ставање точка на дневен ред на Советот на општината за набавка и поставување на мерна станица за квалитет на воздухот. Тие обиди не вродиле со плод. На почетокот на 2025 година општината аплицирала на Повикот на Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој за набавка на мерна станица. Во текот на наредните месеци се очекуваат резултати. Во меѓувреме, како што соопштуваат од Општината, Инспекторот за животна средина врши редовни и вонредни контроли по пријави на граѓани, издава интегрирани Б дозволи и елаботати за животна средина на големите индустриски капацитети како законски обврски на општината во овој дел.
Општина Македонска Каменица информира дека има мобилни мерни станици кои се поставени на различни локации и повремено и по потреба се мерат одредени параметри. Од Секторот за Локален економски развој информираат дека се во очекување на уште неколку мобилни мерни станици, кои се донација од нивен иселеник во странство. Тие би биле технички поподобни и би работеле преку wi-fi сигнал кои во реално време ќе покажуваат податоци. На интернет страната на општината никаде нема податок за квалитетот на воздухот, иако законски се обврзани да ги презентираат пред граѓаните.
Мерната станица во Берово е поставена во 2022 година и е дел од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање. Како што пишуваше и Локал актив оваа мерна станица изминатата година неколку денови последователно покажуваше висока концентрација на ПМ честички во воздухот. Тековната зимска сезона која полека истекува, мерната станица функционира, но не ги покажува параметрите за ПМ 10 и ПМ 2.5 честички туку само останатите (јаглерод монооксид, азот диоксид, озон и сулфур диоксид). Ова не е пример со останатите мерни станици на Министерството кои ги покажуваат сите параметри. Неофицијално, се работи за технички проблем кој треба да се реши од страна на странска компанија која се чека да дојде и да го направи калибрирањето на уредот. Побаравме и официјален одговор од МЖСПП преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, но одговор сѐ уште немаме. И од оваа мерна станица податоците не можат да се најдат на општинскиот сајт.
За разлика од Берово, во менито на општинскиот сајт на Кочани има линк кој води до податоците кои ги покажуваа поставените пет сензори за индикативни мерења на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички во амбиентниот воздух. Овие сензори се поставени по пет јавни објекти во Кочани: ОМУ Ристо Јуруков, СОУ Гошо Викентиев, СОУ Љупчо Сантов, на објектот Сончогледи од Детската градинка Павлина Велјанова и на административната зграда на КЈП Водовод. Овие сензори беа поставени по подолга борба на граѓанските активисти за чист воздух.
Во Штип има една мерна станица поставена во центарот на градот, но таа не е дел од мрежата на државни мерни станици, туку е поставена од Универзитетот Гоце Делчев.
Општина Виница нема мерна станица за квалитет на амбиентниот воздух и како што пишува во документот Интегриран локален развоен план на општина Виница 2025 – 2028, нема соодветен План за квалитетот на амбиентниот воздух.
Во Македонија има 18 фиксни и една мобилна станица во Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух управуван од Министерството за животна средина и просторно планирање.