
Во напредна фаза се активностите од проектот „Интегрирани прекугранични туристички акции во Благоевградско-делчевскиот регион“ (CrossTourAct) кој се реализира во рамките на Програмата INTERREG VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија 2021-2027. Проектот ја заокружува првата година од својата имплементација, а со тоа и дел од активностите предвидени за овој временски период. Па така во напредна фаза во Делчево се инфраструктурните активности – Изградба на скејт-парк и регулација на речното коритона река Брегалница возводно во должина од 300 метри со што се влијае врз потенцијалната опасност од поплави, а коритото на реката ќе се уреди со што ќе се промени сликата во централното градско подрачје, а ќе прерасне и во убаво место за рекреација.
Покрај заштита на објектите од ерозија и поплави има за цел поврзување со спортскиот центар во Делчево и формирање на една целина која ќе биде во функција на спортот и рекреацијата. Ова се значајни инфраструктурни проекти кои влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните во пограничниот регион.

Заедно со овие два градежни проекти во фаза на развивање е и Маркетинг- стратегија за популаризација на туристички производ, а се подготвуваат и поголем број други активности поврзани со јакнење на капацитетите и промоција на двата прекугранични региони во функција на туризмот.

Проектот се реализира во соработка со Општина Делчево и Регионален центар за застапување од Македонска страна и Општина Благоевград и Алфатур од Бугарска страна. Вкупната сума на проектот е 991.641,39 евра од кои 842.895,17 од Европската Унија, а остатокот е национално кофинансирање од 90.441,18 (Бугарија) и 58.305,04 (Северна Македонија).
